Трендовите во боите за 2021

Како започнува последниот месец од оваа по многу нешта несреќна година, така сè повеќе се радуваме на нејзиниот неизбежен крај и со најголемо задоволство ги правиме плановите за следната. Еден од клучните, а воедно и најинспиративни моменти во нашата работа е да ги следиме и заеднички предвидуваме трендовите во дизајнот и изведбата на ентериерот.

Во овој блог ќе се осврнеме на нивното величество-боите, па за таа цел посветивме време за анализа на ставовите на врвните авторитети од оваа област во однос на прогласувањето на „Бојата на годината“.

Боите се повеќе од само естетски елемент, тие имаат и длабоко емотивно значење и влијание врз нас, имено, тие ни предизвикуваат одредени емоции. Боите можат да направат одреден простор да делува пространо, но и затворено, топло или студено. Можат да акцентираат одредено парче мебел или да го прикријат.

Повеќе од очигледно е дека боите за 2021 треба да ни донесат спокој и утеха. Од нив се очекува да бидат она што треба да биде сржта на целата година, а тоа е да ги рефлектираат добросостојбата, одржливоста и човечката поврзаност.

Но, да започнеме…

Магичната палета на Пантон

Кога се работи за бои, несомнено е дека барем еднаш во животот имате чуено за или пак ја имате видено  палетата на Пантон (Pantone). Оваа компанија за стандардизирање на бои веќе години наназад, поддржана од „Институтот за бои на Пантон“ (Pantone Color Institute) ја прогласува „Бојата на годината“. За потсетување, во 2020 приматот го освои класичната сина (19-4052).

Прогласувањето се врши според однапред утврдени критериуми и изведени детални анализи. Се земаат предвид многу индустрии, како на пример: забавната индустрија, филмската индустрија, модата, сите области на дизајнот, но и новите технологии, материјали, текстури, социјални платформи и значајни настани.

За 2020 година од Пантон ја имаме само пролетно-летната компилација од бои,такашто со нетрпение го очекуваме прогласувањето на кралицата за 2021. Останува да видиме.

Обои ме во сино

Значајно место во потрагата по “Бојата на годината“ има и Бенџамин Мур (Benjamin Moore), компанија која се занимава со производство на бои и финиши за секакви површини со сопствена малопродажна мрежа. Па така, за нивен фаворит во 2021 е прогласена Егејско сино-зелено-сивата мешавина  Aegean Teal 2136-40 . Тоа е боја која има длабоко смирувачки ефект и се чини како да создава природна хармонија во просторот.

Плимата и осеката на раскошната 2021

Не може да зборуваме за бои, а да не се осврнеме и на Шатерсток (Shutterstock). Тоа е компанија која обезбедува ресурси во вид на фотографии, видеа и сл., кои им помагаат на професионалците да продуцираат поквалитетни содржини.

Нивниот избор за „Боја на годината“ падна не на една, туку на три бои. Преку анализа на фотографии и видеа кои се користени оваа година, детална анализа на секој пиксел од истите, Шатерсток декларира дека боите на 2021 се:

– Set Sail Champaigne #FAEBD7 . Ова е пастелна боја што добро се комбинира со земјени тонови. Таа е бела со капка портокалова, што овозможува добро да се комбинира со сина.

– Fortuna Gold #DAA520 Ова е топла и богата нијанса на жолтата боја, раскошна златно-жолта која ја гледаме во есенските лисја.

– Tide Water Green #2F4F4F Е всушност сивата нијанса на сино-зелената боја. Таа потсетува на плимата и осеката од океаните, на бојата на коралните гребени и некои риби. Лесно се комбинира со двете претходнонаведени бои.

Нешто како заклучок

И додека чекаме Пантон да ја објави „Бојата на годината“ можеме гласно да претпоставуваме.Она што е очигледно е дека сиво-зелено-сината ќе доминира во 2021 година. Поддржана со детали од пастелни бои и луксузот кој со себе го носи за жолто-златната.

Примената на овие бои во домот, може да биде преку бојадисани ѕидни површини, интересни тапети, но и преку различни додатоци, како перничиња, завеси или декоративни вазни. За оние похрабрите се препорачува и интересна фотелја или двосед изработени во кадифе, кои ќе придонесат за дополнителен луксузен изглед во домот, секако поткрепени со метални додатоци во златна боја.

За крај, играјте си со боите, формите и материјалите, најдете го стилот што одговара на Вашиот животен ритам и бидете храбри. Вашиот простор треба да Ве отсликува Вас, но и воедно секојдневно да Ве инспирира.

Back to Top